• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Црвена Звезда остварија убедлива победа над Партизан со 3-0 на стадионот „Рајко Митиќ“ во 178. вечно дерби, одиграно во рамките на 24. коло од Суперлигата. Со овој триумф, црвено-белите уште еднаш потврдија дека во моментов се доминантна сила во српскиот фудбал. Покрај тоа што се наоѓаат на врвот на табелата, избраниците на тренерот од „Маракана“ имаат и позитивен биланс во меѓусебните дуели со најголемиот ривал од формирањето на Суперлигата во 2006 година. Од тогаш до денес, двата клуба се соочиле на 49 првенствени натпревари – Црвена Звезда има 16 победи, Партизан 15, додека 18 средби завршиле без победник.
Првото полувреме понуди жестока борба и неколку извонредни интервенции на голманот Милошевиќ, кој со фантастични одбрани го одржуваше Партизан во игра. Сепак, во петтата минута од судиското продолжение, ниту тој не можеше да спречи водство за домаќините. По прецизниот центаршут на Александар Катаи, младиот Василије Костов од непосредна близина ја затресе мрежата за 1-0.
Во второто полувреме, Црвена Звезда целосно ја презеде контролата на теренот. Партизан делуваше немоќно и без вистински одговор на офанзивата на домаќините. Во 56. минута следуваше вистинско ремек-дело на Марко Арнаутовиќ кој со спектакуларен удар ја зголеми предноста на 2-0, предизвикувајќи ерупција од воодушевување на трибините.
Натпреварот накратко беше прекинат поради инцидент на јужната трибина, каде што гостинските навивачи запалија дел од секторот. Противпожарните служби реагираа брзо, а паузата траеше неколку минути пред играта да продолжи. Партизан во 71. минута доби можност да се врати во мечот, откако судијата покажа на белата точка. Сепак, голманот Матеус блесна и го одбрани ударот на Вукотиќ. Во продолжението од акцијата Костиќ ја испрати топката во мрежата, но по интервенција на ВАР системот погодокот беше поништен. Доминацијата на домаќините продолжи и во 77. минута стигна третиот удар за „црно-белите“. По асистенцијата на Костов, Катаи рутински реализираше за конечни 3-0. Разликата можеше да биде и поубедлива, но недостигаше поголема прецизност во завршницата.
Со освоените три бода, Црвена Звезда ја зголеми предноста на врвот на табелата и сега има четири бодови повеќе од Партизан. Трката за шампионската титула сè повеќе се насочува кон „Маракана“, а само вистинско чудо би можело да ги спречи црвено-белите да стигнат до деветтата последователна титула во националниот шампионат.




