ВИДЕО: Белгиските мајстори пресилни за Англија, „ѓаволите“ првпат на мундијалски подиум

Репрезентацијата на Белгија го оствари најголемиот успех во својата историја и го освои третото место на Светското првенство во Русија. Во малото финале на „Крестовски“, избраниците на Мартинез ја совладаа Англија со 2-0 (1-0).

Мартинез му даде доверба на младиот Тилеманс на местото на Фелаини, а Муние се врати на десната бековска позиција. Неговиот колега Саутгејт се соочи со големи проблеми со тимот и внесе пет новајлии за разлика од мечот во средата во Москва против Хрватска.

Гледачи не ги ни зазедоа своите места на трибините, а Белгија поведе. Насер Чадли проби по левата страна и центрираше по земја, а Томас Муние се придодаде и со рутинска реализација на погоди мрежата на Пикфорд. Примениот гол ги шокира Англичаните и не се созедоа до крајот  на првиот дел. 

Се обидоа Азар и Витсел, а единствената закана на „Гордиот Албион“ беше неубедливиот обид на Хари Кејн во 28. минута. На почетокот од вториот дел шанса доби Лингард и веднаш се закани со удар со десната нога, крај дирекот од голот на Куртоа. 

„Жолто-црните“ возвратија со обиди на Лукаку и Азар, но недостигаа завршни удари кон Пикфорд. На средина од вториот дел најзрелата можност ја имаше Дајер, но од самата гол линија Муниер спречи израмнување. По центаршутот на Трипие, со глава се обиде Мегваер, но пак за малку биеше надвор од рамката на голот.  

Резервистот Мертенс лансираше контра напад во 80. минута, но ударот на Муние, англискиот голман со рака го одби во корнер. Само две минути подоцна стигна потврдата на победата, откако по акцијата на Де Брујне, брзоногиот Азар одлично ја прими топката, изби пред Пикфорд и погоди во поблискиот агол за конечни 2-0.