Белгија започна да „гази“: Унгарија прва ја вкуси големината на „црвените ѓаволи“ (ВИДЕО)

Заврши и шестиот осминафинален натпревар на ЕП во Франција, во кој лимитираниот состав на унгарскиот селектор Берн Шторк не успеа да направи уште едно изненадување и да ја совлада Белгија, која го има најскапиот тим на овој собир. Во Тулуз во натпревар кој сигурно можеме да кажеме дека е најдобриот одигран досега од елиминационата фаза, Белгија со 4-0 (1-0) ја совлада Унгарија и заслужено се пласира во четвртфиналето.

Почетокот на натпреварот наговестуваше отворен фудбал со многу шанси на двете страни. Прва се закани Белгија преку Де Брујне и Лукаку, но и двата удари успеа да ги одбрани ветеранот Кирали. Сепак искусниот унгарски голман капитулираше во 10. минута, кога одличниот слободен удар изведен од страна на Де Брујне го искористи дефанзивецот на Тотенхем, Алдервирелд и со прецизен удар со глава ѝ донесе водство на својата селекција. 

И покрај водството Белгија не застана со своите напади кон унгарскиот гол. Премиерлигашкото трио Азар, Де Брујне и Лукаку конечно проработи како што посакуваше селекторот Вилмотс. Фудбалерот на Челзи го „хранеше“ Лукаку, но овој се изнапромашува, а Кирали со одлична парада спаси дуплирање на белгиското водство, откако кон неговиот гол од слободен удар биеше асистентот на првиот гол Де Брујне. 

Унгарија се разбуди дури при крајот на првото полувреме, кога свои шанси имаа Ловренчич и Џуџак, но нивните топовски удари завршија на милиметар од голот на Куртоа, па така на полувреме се замина со минимална предност на Белгија од 1-0.

Не помина ни една минута игра во второто полувреме, а Кирали повторно на маки. Азар излезе сам пред него, но повторно поуспешен беше унгарскиот голман и топката ја изблокира во корнер. 

Сепак, во продолжението Унгарија заигра баш онака како тоа го правеше во групната фаза. Замената Елек за Гера првично изгледаше изненадувачки, но токму Акош Елек донесе свежина во нападот на Унгарците, кои успеаа неколку пати да се заканија кон голот на Куртоа и да најават дека нема лесно да се предадат на овој дуел.

Но, конечно по многуте контранапади Белгија успеа да постигне нов погодок. Азар проби по левата страна и асистираше до нововлезениот Батчиуји, кој на рутински начин го дуплира белгиското водство. Оваа победа немаше да биде комплетна доколку најдобриот играч на вечерашниот натпревар, Еден Азар не постигнеше гол. Тој тоа и го направи и во 80. минута зголеми на 3-0, а конечниот резултат од 4-0 го постигна фудбалерот на Атлетико Мадрид, Јаник Фереира Караско.

Со оваа победа Белгија закажа четвртфинале против селекцијата на Велс, која вчера минимално со 1-0 ја совлада Северна Ирска