Белгија пред историска можност за полуфинале, Велс посакува ново изненадување

Првиот полуфиналист на ЕП во Франција е Португалија, а нејзиниот противник ќе биде познат по завршувањето на вечерашниот натпревар меѓу селекциите на Белгија и Велс.

Веќе е познато дека Белгија го има најскапиот состав на овој собир, но ѕвездите како Азар, Лукаку, Де Брујне, Витсел некако како сè уште да го немаат кажано последниот збор, бидејќи познати се нивните играчки квалитети. Избраниците на Марк Вилмотс групната фаза ја завршија со шест освоени бода. Во првиот дуел загубија од Италија (2-0), додека победи извојуваа против Шведска (1-0) и Ирска (3-0). Во осминафиналето Белгија се судри со Унгарија и можеби на тој натпревар ја видовме нејзината големина. Унгарија не само што загуби со убедливи 4-0, туку беше тотално надиграна и немоќна крај расположените белгиски фудбалери. Селекторот Вилмотс пред вечерашниот дуел се соочува со мали проблеми, бидејќи поради парни жолти картони нема да смета на искусниот Вермален, а настапите на Вертонген и Дембеле се исклучени заради повреди.

Од друга страна селекцијата на Велс до ова четвртфинале стигна откако во групата беше поуспешна од Русија (3-0) и Словачка (2-1), додека забележа и еден пораз и тоа во последните мигови од Англија (2-1). Во осминафиналето Велс го совлада составот на Северна Ирска со минимални 1-0, па вечерва Бејл и дружината против себе ќе го имаат можеби најтешкиот противник. Спротивно на Вилмотс, селекторот на Велс Крис Колман нема проблеми со повредени и казнети играчи и вечерва ќе истрча со најдобрите 11-мина што ги има на располагање. 

Вечерашниот натпревар ќе се одигра во Лил со почеток од 21.00 часот.