ВИДЕО: Белгија ѝ направи услуга на БиХ со победата над Грција, Франција се посрамоти против Луксембург

Лукакуу

Во групата Х од европските квалифукации за Мундијалот во Русија, БиХ очекувано го победи аутсајдерот Гибралтар (0-4) и се искачи на второто место на табелата. Услуга на Босанците им направи Белгија, која победнички си замина од Грција (1-2). Вертонген отвори, Грците израмнија минута подоцна, за Лукаку да ги реши сите дилеми и да донесе голема победа за лидерот во групата.

Најголемото изненадување се случи во групата А, каде Франција одигра без голови на домашен терен против Луксембург. Ѕвездите на Дидие Дешамп не успеаја да го пробијат цврстиот бедем на гостинската одбрана и неочекувано загубија два планирани бода.

Главен судија на овој меч беше најдобриот македонски арбитар, Александар Ставрев.

Најуспешната репрезентација во квалификациите за Светското првенство во Русија, Швајцарија ја запиша и осмата победа во исто толку натпревари.

Денес, фудбалерите предводени од Владимир Петковиќ лесно се справија со Летонија и си заминаа со нови три бода (0-3). Сеферовиќ, Џемаили и Родригез се погрижија нивната репрезентација да остане перфектна по осмиот квалификациски меч.

Победа во групата Б забележа и Португалија, која со голот на Андре Силва минимално славеше на гостувањето кај Унгарија (0-1). Домашната репрезентација играше со фудбалер помалку од 30. минута, кога Прискин крвнички стартуваше врз Пепе и порано од очекуваното го заврши својот настап.