Белгиецот Фелаини по осумнаесет професионални години објави крај на кариерата

Маруан Фелаини дефинитивно ја завршува својата богата играчка кариера. Славниот Белгиец реши да ги „обеси копачките на клин“ по осумнаесет години активен фудбал, а последните четири години ги мина како играч на кинескиот Шандонг Тајшан. 

„Со овој пост би сакал да се заблагодарам на сите и да објавам дека ја завршувам мојата успешна 18-годишна фудбалска кариера. Патувањето беше навистина неверојатно“, напиша поранешниот белгиски репрезентативец на својот Инстаграм профил.

36-годишниот Фелаини имаше блескава кариера зад себе и играше за премиерлигашите Манчестер Јунајтед и Евертон, а кариерата ја започна во домашниот Стандард Лиеж. Најмногу натпревари одигра за „карамелите“ од Ливерпул (141 настап и 25 голови), а во дресот на белгиската репрезентација се појави 87 пати и забележа 18 погодоци.

Најголем успех доживеа со Манчестер Јунајтед, каде успеа да освои четири значајни трофеи - Лига Европа, англискиот ФА Куп, Лига Купот, како и еден Комјунити шилд.