ВИДЕО: Беласица слави нова победа, Каланоски го шокира Силекс

Екипата на Беласица продолжи да ги шокира „фаворитите“ на хартија во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), па по триумфот над Академија Пандев, запиша нови три бода, откако славеше кај Силекс (0-1) во Кратово во натпреварот од 12. коло.

Кратовчани силно посакуваа победа на домашен терен за да ја прекинат лошата серија во првенството, арно ама фенерџијата повторно се надмина себеси и запиша победа на еден од најтешките терени за гостување во Македонија.

Силекс имаше иницијатива, но не го наоѓаше патот до голот на гостинот. До златните три бода, Беласица дојде пред самиот финиш по една контра. Антонио Каланоски тргна по десната страна и истрча половина терен, а потоа со лоб го надмудри Божиновски.

Беласица врза две победи во низа во ПМФЛ и сега има осум бода, исто колку и Ренова. Во следната рунда струмичани ќе играат со Работнички, додека Силекс, кој има три порази во низа, гостува кај Пелистер во Битола.