„Беласица секого ќе го почитува, се надеваме на успешен кам-бек во елитата!“

Струмичката гордост Беласица по долги 12 години повторно се врати во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Расадникот на фудбалски таленти, од кој излезе најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, обезбеди кам-бек и се надева дека во првата сезона по повеќе од една деценија, достојно ќе се претстави во елитното друштво.

Беласица во новата сезона влегува и со нов тренер. Раде Цицмиловиќ си замина, а на негово место назначен е Србинот Марјан Живковиќ. Дел од стручниот штаб е и Ване Стојанов, македонската спортска легенда, кој е задоволен од подготовките и посакува успешен старт.

„Успешно ги одработивме последните 15 дена во Златибор. Се одиграа девет пријателски натпревари. Се донесе и нов шеф на стручен штаб, во Марјан Живковиќ, кој веќе ја виде екипата. Малку на почетокот беше проблем затоа што, сепак, се работи за нов тренер, меѓутоа закажавме две пријателски средби и тој доби реална слика за играчите кои ги имаме во нашиот состав. Реално, се бараат уште две до три засилувања. Во најблиска иднина ќе ги обелодениме и имињата“, изјави Стојанов за Gol.mk.

Од таборот на струмичани не сакаат да даваат прогнози околу тоа каде се гледаат себеси во Првата лига. Велат дека ќе се борат со секого за бодови, а прв предизвик ќе им биде меч со прилепска Победа.

„Како Беласица свесни сме дека по долги 12 години пак сме во Првата лига. Бидејќи бевме долго време отсутни од ова друштво, не би сакале да прогнозираме. Ги почитуваме сите противници, но сакаме и бодови. Се надеваме дека ќе имаме успешен старт со екипата на Победа. Целите кај нас се високи на секој меч и оптимисти сме, без разлика со кого играме  Затоа и работиме и тренираме, за да победуваме“, заврши Стојанов.

Првиот натпревар во ПМФЛ, Беласица ќе го има в Битола каде Победа ќе биде домаќин на стадионот „Тумбе Кафе“. Мечот се игра в недела, од 17:00 часот.