Беласица мисли на иднината, во „оган“ фрли 20 деца од школата и впиша само три порази пролетва!

Беса и Пелистер се промовираа како нови прволигаши, а в недела ќе биде познат и последниот тим кој ќе има прволигашки статус следната сезона. Сезоната во ВМФЛ донесе многу возбудувања, големи победи и порази, солзи радосници и тага, но она што е најважно е - афирмација на многу млади фудбалери.

Кога зборуваме за нашата фудбалска иднина, секако дека еден од тимовите кој најмногу се грижи за своите таленти е струмичка Беласица. Сезонава, особено во вториот дел од шампионатот тренерот на „Гордоста на Струмица“, Александар Стојанов во „оган“ фрли многу надежни фудбалери, кои одлично одговорија на големиот предизвик. Доказ за тоа се и резултатите на тимот во пролетниот дел од шампионатот. 

Беласица претежно беше составена од фудбалери родени 2003/04/05/06/07/08. Промовирани беа 20 млади играчи, од кои 14, родени 2005/06/07/08, го имаа своето деби во „синиот“ дрес. Во втората полусезона струмичкиот тим освои 22 бода, а забележа само три порази од фаворитите Пелистер и Детонит, како и на гостувањето во Охрид. Беласица сезоната во ВМФЛ ја заврши на седмата позиција со ист број бодови како Вардар Неготино кој беше шести, а сето тоа благодарение на одличната работа на Стојанов во вториот дел од првенството. 

Струмичката фудбалска школа е надалеку позната, а доколку клубот и Стојанов продолжат по истиот пат и во следата сезона тогаш Беласица не треба да се грижи за својата иднина.