Беласица ќе презими како лидер, Брегалница го среди Тиквеш среде Кавадарци

Екипата на Беласица со победа ја затвори успешната есенска полусезона во Втората македонска фудбалска лига – Исток. Ланскиот прволигаш ќе презими на лидерската позиција на табелата во овој шампионат, а тоа го потврди со денешната убедлива победа пред својата публика на натпреварот против Плачковица со 4-2. 

Еден од најдобрите струмички фудбалери оваа есен, Мартин Мирчевски, мотивирано го стартуваше дуелот и двапати ја затресе гостинската мрежа. Првиот гол го постигна во 11. минута, а вториот 13 минути подоцна. До крајот на првиот дел погоди и Размоски за веќе убедливи 3-0 за домаќините, предност која во 44. минута беше намалени од страна на Кудијан. 

Во вторите 45 минути темпото на игра во Струмица спласна, Беласица како да беше задоволна од тековниот резултат и не продолжи со иницијативата, но сепак Марков од пенал погоди за 4-1. До крајот на натпреварот Кудијан со својот втор денешен погодок ги постави конечните 4-2. 

Во дербито на колото на Истокот екипата на Брегалница запиша херојска победа на гости кај Тиквеш. Во Кавадарци по одлична атмосфера и две навивачки групи на трибините, актерите на мечот можеби не задоволија со прикажаната игра и на полувреме мрежите мируваа. По само три минути игра во продолжението, следуваше шок за домаќините. 

Искусниот Пепи Ѓорѓиев го отвори резултатот и донесе предност за Брегалница од 0-1. До крајот на натпреварот водството беше удвоено со погодок на Стојанов, за конечни 0-2. Со оваа победа Брегалница со идентичен број на бодови како Беласица (31), заради полоша гол-разлика останува на втората позиција на табелата, додека Тиквеш падна на четвртото место, по новата денешна победа на Кит-Го. 

Тимот од Пехчево ја има најдобрата серија кај второлигашите оваа сезона, откако денес ја запиша седмата победа во низа. Амбициозниот тим пред својата публика со 3-1 го совлада Питу Гули, а во листата на стрелците се запишаа Алексовски, Пановски и Ступиќ. Едиствениот погодок за гостите го постигна Селмани.

На останатите два натпревари од ова коло, Победа со 5-1 го совлада тимот на Осогово, додека Каменица Саса со 3-1 беше поуспешна од Кожуф.