• Редакција Gol.mk

Јетон Беќири, тренерот на Шкендија беше задоволен од извојуваната победа над Вардар, но не и од начинот на кој судиската тројка го водеше дербито во Скопје. Гостите од Тетово со минимални 1-2 славеа на Градски и со тоа ја продолжија серијата без пораз против лутниот ривал, која сега изнесува дури дваесет натпревари.
„Во некои моменти му даваме елементи на судијата да нè казнува. Јас сум многу загрижен и сакам да упатам апел до надлежните органи, да бидат повнимателни во овие ситуации, бидејќи станува збор за многу големи инвестиции, се зборува за дерби натпревар, а судењето беше многу непријатно во текот на целиот натпревар.
Да не победевме денес, немаше да зборувам за судењето. Но, важно е сите да знаат дека Шкендија е голем клуб. Ова е сериозен проект, имаме сопственик кој вложува, и судија или група на судии не може да дојде и да го одземе целиот труд. Чувствував дека не е рамноправно, имаше тенденции, особено моите сомнежи се за повторувањето на пеналот. Сепак, задоволен сум од тоа како помина натпреварот и дефинитивно од резултатот. Првите натпревари се многу тешки за играње, особено против екипи кои направија многу промени во играчкиот кадар“, рече Беќири.
Оваа победа на Шкендија ѝ донесе и лидерско место на табелата во ПМФЛ, со два бода повеќе од Силекс и Гостивар.