• Мартин Танасковски
Шкендија ја заврши својата историска сезона во УЕФА Конференциската лига во Турција, откако беше поразена со 4-0 од Самсунспор во плејофот. Турскиот тим славеше и на првиот меч во Скопје со 1-0, па со вкупни 5-0 заслужено обезбеди пласман понатаму. Тренерот Јетон Беќири му честиташе на противникот за местото во следната фаза.
„На почеток сакам да му честитам на Самсунспор за пласманот, мислам дека во двата натпревари го заслужија тоа. Што се однесува до мечот, ние бевме многу добри во првото полувреме, но потоа една случајна пенал-ситуација и заморот си го направија своето, па претрпевме висок пораз кој, според прикажаното во првиот дел, не го заслуживме.
Искрено, не го очекував ваквиот исход, верував дека ќе бидеме компактен тим што ќе парира многу повеќе. Но, како што кажав, моментот со пеналот и натпреварот во неделата против Силекс во тешки услови во македонското првенство влијаеја многу. Во второто полувреме дојде до израз заморот кај фудбалерите, а потоа примивме уште три гола покрај пеналот.
Со овој натпревар завршува нашата европска авантура. Сакам да им се заблагодарам на сите фудбалери за максимумот што го дадоа, затоа што вкупното достигнување на клубот во ова натпреварување беше извонредно, без разлика на последниот пораз. Благодарност и до целиот клуб, од сопствениците, управата, вработените и администрацијата.
Сезоната беше напорна и ново искуство за нас. Сега целиот фокус се враќа на македонското првенство и Купот, каде што се надевам дека ќе дадеме максимум и ќе стигнеме до позитивни резултати до крајот на сезоната“, изјави Беќири.
И покрај елиминацијата, сезоната на Шкендија во Европа ќе остане запишана како најдобра во историјата на клубот.









