Беќири: Верувам во овој тим на Ренова

Екипата на Ренова привршува со подготовките и е во исчекување на првиот меч во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) оваа сезона. Тренерот Јетон Беќири е оптимист и пред мечот со Работнички вели дека верува во можностите на неговата екипа.

„Одработивме една квалитетна фаза на подготовки и мислам дека спремни влегуваме во новата сезона. Во моментов, сите играчи ни се на располагање. Пред мечот со Работнички имаме голема самодоверба. Верувам во овој тим на Ренова. Но, не смее да дозволиме да ни паѓа фокусот во текот на сезоната. Мора да држиме ритам во сите мечеви во првенството. Стартот е секогаш тежок, но јас сум оптимист дека ќе тргнеме добро“, изјави Беќири.

„Гипсарите“ загубија неколку првотимци во овој преоден рок како Нафиу, Незири, Темелков, Скендери, Стојанов... но, Никола Пантовиќ, Емран Радамани, Илбер Беќири, Александар Ристевски, Мухамед Усеини, Џелил Абдула, Демир Имери и Миран Максути се новајлиите во тимот на Ренова ова лето.

Првиот натпревар во новата сезона Ренова и Работнички го играат во Скопје, в сабота од 17:00 часот.