Беќири: Ваквите натпревари се секогаш ризични, но заслужено сме во полуфиналето

Шкендија без многу проблеми си ја заврши работата во четвртфиналето од Купот на Македонија и со победата над Детонит Плачковица на гости се пласира меѓу четирите најдобри во ова натпреварување. 

Дуелот во Радовиш го реши голот на Аденис Шала во 23. минута. „Црвено-црните“ во полуфиналето ќе се соочат со една од останатите три квалификувани екипи (Струга Трим Љум, Брера и Вардар).

„Овој натпревар беше многу важен, носеше пласман меѓу најдобрите четири екипи. Овие натпревари се секогаш ризични поради противникот и условите на теренот. Но, како течеше натпреварот, задоволен сум, бидејќи создадовме многу шанси, доминиравме, бевме агресивни и задоволен сум од залагањето на играчите. Генерално, мислам дека ова беше заслужена победа.

Да го погодевме пеналот или некоја од многуте создадени шанси, верувам дека натпреварот ќе имаше поинаква приказна. Но, фудбалот е убав затоа што е непредвидлив“, рече тренерот на тетовчани Јетон Беќири.

Шкендија е тимот кој игра во најдобра форма оваа пролет и доколку продолжи во тој ритам може да се надева на нов трофеј во Купот на Македонија.