Беќири: Статистички Албанија има негативен скор со нас, а тоа е важно за психолошката подготвеност

Најдобрата македонска репрезентација денеска во Скадар ќе го одржи официјалниот тренинг пред утрешниот натпревар против Албанија, прв од квалификациите за СП 2018 во Русија. Нашиот прославен поранешен репрезентативец Арѓенд Беќири кој моментално работи како асистент на селекторот Игор Ангеловски за официјалната интернет страница на ФФМ даде свој коментар за подготовките на нашиот национален тим и ги сподели очекувањата од првата квалификациска пресметка.

„Најважно е што подготовките минуваат според планот кој првично беше одреден, сите се здрави и максимално ги одработуваат тренинзите. За Македонија првиот натпревар е важен, но сметам дека притисокот за добар резултат е многу поголем кај Албанија. Нашиот противник знаеме дека оствари историски резултат со пласманот на Европското првенство и очекувањата на јавноста во Албанија сега е многу поголема со секој следен натпревар на нивниот тим. Албанија статистички има негативен скор во дуелите со нас, а понекогаш тоа е важно за психолошката подготвеност. Играв на дуелот во Прилеп кој го добивме со 1-0, јасно е дека сега работите се сменети, но мотивираноста и желбата за победа е веројатно иста. Доколку играме според договореното и тоа го спроведуваме на терен, мислам дека тоа ќе ни се исплати“.

Поранешниот фудбалер на белгиски Антверпен, швајцарски Арау и носител на три шампионски титули со Слога Југомагнат во македонското првенство смета дека колективот ќе биде клучен за остварување на поволен резултат.

„Сите во тимот сме подредени на колективот, почнувајќи од економот во репрезентацијата, па се до техничкиот менаџер. Во модерниот фудбал тоа е најважно. Се надевам дека на тој начин и играчите ќе се однесуваат на натпреварот, ќе функционираме како целина и заеднички ќе се бориме. Во тимот имаме играчи кои знаат да решат натпревар и мислам дека ќе одговориме на предизвикот“, изјави Беќири.

Вечерва од 20.45 часот на стадионот „Лоро Боричи“, репрезентацијата на Македонија ќе го одржи официјалниот тренинг.