Беќири: Ремито е позитивен резултат, во Скопје да славиме пласман понатаму

Фудбалерите на Шкендија одиграа реми без голови (0-0) против ТНС во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите. Тетовчани одиграа солидно во Освестри, ама им недостигаше концентрација и можеби среќа во одредени моменти. 

Тренерот Јетон Беќири по мечот го анализира одиграното, а го најави и реваншот кој се игра следниот вторник. 

„Мислам дека ова беше натпревар на кој имаше моменти кога доминиравме. Имавме повеќе чисти шанси од противникот. Во еден момент направивме дефанзивна грешка, а нашиот голман фати 100% шанса. Имајќи ги в предвид пречките како вештачки терен, тоа што на подготовките во Словенија ни недостигаа двајца играчи (Бесарт Ибраими и Ибрахим Алхасан), верувам дека ова е прифатлив резултат. Мора да бидеме спуштени на земја, да се обидеме да стигнеме до следната рунда. 

Верувам дека за реваншот важиме за благ фаворит. Тоа го кажувам според квалитетот на тимот, ние сме фаворити. Ќе имаме една седмица за подготовка, да влеземе во ритам и да ни се вратат оние кои недостигаат. Со помош на публиката се надевам дека ние ќе бидеме тимот кој ќе се пласира во втората рунда“, изјави Беќири.

Реванш натпреварот меѓу Шкендија и Д Њу Сеинтс во Скопје се игра следниот вторник од 20:00 часот.