• Иван Димовски
Екипата на Шкендија има за што да жали бидејќи во викенд колото во ПМФЛ испушти победа и ремизира со Гостивар (2-2). Тетовчани долго имаа двојна предност, но на крајот направија два пенали кои гостите ги реализираа за голем бод.
Разочарувањето по натпреварот не го криеше тренерот Јетон Беќири, а тој презеде одговорност за ремито.
„Ситуацијата е навистина комплицирана, особено по ваков натпревар. Бевме многу близу до победата. Резултатот за нас е еднаков на пораз, извинување и благодарност до навивачите. Оваа грешка може да нè чини доста, иако изгледаше дека го имаме мечот во раце, на крајот невниманието го плативме со два бода. Имавме проблеми на стартот на вториот дел, а потоа се консолидиравме. Не ризикувавме, а на крајот направивме измени за да добиеме на свежина. Во ваков случај вината паѓа на тренерот, па јас ја преземам вината.
Сега е важно да се вратиме, ќе ги анализираме грешките. Имаме една седмица да се подготвиме за мечот со Вардар, ништо во поглед на шампионската трка не е готово“, изјави Беќири.
Следен предизвик за Шкендија е дербито со Вардар, кое иако доаѓа во момент кога едниот тим е во врвот, а другиот се бори за опстанок - секогаш привлекува големо внимание.