• Горан Упале
Фудбалерите на Шкендија испуштија можност да завршат како есенски шампиони во ПМФЛ, откако во последното коло за оваа година пред својата публика одиграа 0-0 против тимот на Гостивар.
Со оваа поделба на бодовите, како и со победите на Силекс и Работнички, Шкендија со споменатите екипи има ист број на бодови (37), но кратовчани имаат најдобар гол-разлика и затоа ќе презимат на лидерската позиција.
Тренерот на тетовчани, Јетон Беќири, смета дека допрва следуваат вистинските возбудувања во ПМФЛ и дека трката за титулата ќе биде исклучително неизвесна.
„Лани за титулата се бореа три екипи, годинава во трката се пет, така што ќе биде многу интересно, но и многу потешко да се стигне до посакуваниот трофеј. Наша цел е најпрвин да одработиме добри зимски подготовки, да ја кренеме формата кај сите фудбалери и потоа максимално подготвени да го дочекаме стартот на вториот дел од сезонава.
Што се однесува до денешниот натпревар одигравме квалитетно против еден од најсилните тимови во македонското првенство. Доминиравме, создадовме чисти шанси, но не реагиравме како што треба во клучните моменти. Понекогаш за победа потребна е и среќа, која што денес ја немавме“, рече тренерот на Шкендија.
Во првото пролетно коло Шкендија го чека голем предизвик и гостување кај најтрофејниот Вардар.