• Мартин Танасковски
Откако испиша историја за македонскиот фудбал, Шкендија сака да го продолжи тој ритам. Тимот е во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, каде го чека двомеч со азербејџанскиот првак Карабах.
Почна со ТНС од Велс, продолжи со ФЦСБ од Романија, а сега следи двомеч со уште еден ривал во елитата. Шкендија има „в џеб“ најмалку групи во Конференциската лига и десетина милиони евра, но нов успех ќе донесе уште повеќе за тетовчани. Тренерот Јетон Беќири го најави дуелот и остана скромен.
„Без разлика кој е противник, мора да бидеме на нашето најдобро ниво. Она кое оди во склоп на подготовките, ќе се обидеме да го извадиме нашето најдобро. Карабах е достаа квалитетна екипа, во последните дванаесет години, единаесет пати се шампиони на Азербејџан. Имаат тренер кој е скоро седумнаесет години таму. Но, ние имаме наши сметки, сакаме да бидеме сериозна екипа. Прво, да го почитуваме ривалот, но и себе. Сакаме да одиме над лимитот од нашите можности, затоа што во вакви натпревари тоа е потребно. Нема да одлучи првиот меч, туку реваншот во Баку. Ако се претставиме во добро светло, можеме до добар резултат“, изјави Беќири.
Потоа, стратегот направи компарација на претходниот противник ФЦСБ и следниот ривал Карабах.
„Секој противник има своја тежина и квалитет. Во споредба на ФЦСБ и Карабах, романскиот тим е поскап, но Карабах е дисциплинирана екипа, со години инвестираат, а нивна најсилна страна е тренерот и уште неколку играчи кои се заедно подолго време со тимот. Но, фудбалот е таков спорт што ако успееме да сме „гладни“, да останеме со нозе на земја, да се бориме максимално, може да поминеме добро во овој двомеч“, додаде тренерот на тетовчани.
Јетон Беќири продолжи и со анализата на Карабах и откри каков ривал очекува во Скопје.
„Очекувам доста сериозен противник, затоа што Карабах сака да доминира, сака да игра, не се физичка екипа, играат добар фудбал. Ги анализиравме, да бидеме искрени, ги гледавме последните два меча, а тоа не е мерило. Секој нов натпревар е нова историја, колку ќе игра добро Карабах зависи од нас, колку добро ќе играме ние, зависи од нив“, изјави Беќири.
За крај, тренерот на Шкендија кажа дека секоја победа и резултат на македонските клубови ги цени и затоа побара поддрршка од сите за Шкендија во Европа.
„Мислам дека имаме сили добро да го презентираме македонскиот фудбал и на нашата екипа да ѝ донесеме нешто посериозно. За мене најважно е да се почитува дресот, да се дава максимумот, а за другото ќе покаже теренот. Секоја победа е важна за македонскиот фудбал. Јас се радувам на победите на сите екипи, затоа што не смееме по ниту една цена да паднеме под 50-тото место на УЕФА ранкингот. Од срце навивам, за мене не е важно која екипа има резултати. Важно е нашиот фудбал да се подигне на високо ниво. Тоа ни носи бенефит на сите, не само на Шкендија, туку на сите клубови“, заврши тренерот на Шкендија.
Шкендија и Карабах првиот натпревар од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите го играат во вторник со почеток од 20:00 часот. Судиите на овој дуел се од Словачка. Главен судија е Иван Кружилак, на кого ќе му помагаат Јан Позор и Бранислав Ханчко. На овој дуел во ВАР-собата се исто така судии од Словачка, Михал Оченаш и Борис Мархефка.



