• Зоран Мишевски
Македонскиот шампион, екипата на Шкендија со пораз го почна настапот во групната фаза на Конференциската лига. Во првиот меч за тетовчани на европската сцена во Мадрид против екипата на Рајо Валекано беа поразени со 2-0. Домашниот тим, кој е член на Примера, со головите на: Лопез во 28. минута и Перез вчетири минути подоцна погоди за 2-0, резултат кој остана непроменет до крајот.
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, вели дека од овој дуел македонскиот првак извлекол многу поуки.
„Игравме во извонредна атмосфера во текот на целиот натпревар. Рајо целосно ја заслужи победата, иако мислам дека во првото полувреме имавме премногу почит кон противникот. Во второто полувреме тимот трчаше повеќе и беше подобар и во двете фази, но веќе противникот имаше двојна предност.
Рајо Ваљекано е тим кој треба да се почитува, особено за начинот на кој игра офанзивен и агресивен фудбал. Мислам дека е еден од фаворитите во Конференциската лига. Дури и најдобрите тимови во светот имаат многу тешкотии на овој терен“, рече Беќири.
Тетовчани денес се враќаат во Македонија и веднаш почнуваат да го подготвуваат дуелот против Пелистер в понеделник од 18:00 часот.



