Беќири: Не ми се допадна како се покажаа оние кои чекаат шанса!

Шкендија ја победи Шкендија Арачиново со 3-2 (1-2) во првиот полуфинален меч во Купот на Македонија. Тетовци имаа водство, потоа негатива, но на крајот успеаја да направат пресврт и да обезбедат предност пред возвратниот дуел.

По натпреварот, тренерот Јетон Беќири потенцираше дека ништо не е решено и дека патникот во финалето ќе се одлучува во вториот меч.

„Мислам дека реваншот на гостински терен ќе го реши пласманот. Куп натпреварите секогаш се интересни и носат изненадувања. Не сум изненаден од Шкендија Арачиново, затоа што мислев дека се квалитетна екипа. Ние направивме грешка кај двата гола, односно направивме сериозна грешка. Во сериозен тим како нашиот мора да бидеме повнимателни во овие ситуации, затоа што противникот е супер мотивиран. Но генерално ми се допадна реакцијата на тимот во второто полувреме и верувам дека се ќе се реши во вториот натпревар, каде нормално ја имаме улогата на фаворит, но во фудбалот секогаш мора да го дадеш максимумот, да го почитуваш противникот и да го добиеш резултатот што го сакаш“, започна тренерот на тетовци.

Беќири беше критичен за одредени сегменти од играта, особено по пресвртот што го направи противникот во првото полувреме.

„Не верувам дека имаше потценување. Не ми се допадна менталитетот на тимот и на некои играчи кои сакаат да бидат дел од Шкендија и чекаат шанса, значи треба да имаат поинаков менталитет. Мора секогаш да преземаме одговорност, јас сум тој што презема одговорност, но Шкендија е нешто многу сериозно, Шкендија е голем клуб и не е лесно да се претставува. Ги разбирам сите, иако ја разбирам и ситуацијата дека се случуваат грешки во текот на натпревар. Верувам дека оваа опомена што ни се случи денес е многу позитивна, затоа што мора да ги отвориме очите и да бидеме многу посериозни и во Купот и во првенството, бидејќи не смееме да си дозволиме грешки или издание како денешното“.

Тој не беше задоволен ниту од играчите кои добија шанса од клупата, иако призна дека нивното вклучување било дел од планот.

„Што се однесува до активирањето на играчите, планот беше да бидат активирани, значи дефинитивно ги добија тие 30 минути за да бидат во натпреварувачки ритам. Но не ми се допадна тимот, не ми се допадна ниту тие што беа од старт, ниту тие што беа активирани, искрено. И покрај тоа што победивме со разлика од еден гол, не ми се допадна играта и ми се допаѓа само тоа што можеби во најкритичниот и најодлучувачки момент, на некој начин, Бог не предупреди дека треба да бидеме многу посериозни како екипа. Тоа е се“.

Беќири се осврна и на заморот кај екипата, потенцирајќи дека зад нив стои долг и напорен период.

„Мислам дека не е дека не беа сериозни, верувам дека е прашање на менталитет. Да ве потсетам дека денес беше наш 48 официјален натпревар. Односно четириесет и осми натпревар од јули наваму и нормално има ситуации каде што доаѓа до замор, мислам психолошки замор, доаѓа и до потрошувачка на енергија. Но пред се ние претставуваме клуб кој има високи амбиции, исклучително сериозен клуб и мораме да бидеме мотивирани секој натпревар. Ако не сме мотивирани, тогаш се поставува прашањето дали треба да сме тука или не. Ова е многу важно за сите нас кои ја претставуваме Шкендија. Уште еднаш поздрав до публиката на двете екипи затоа што беа достоинствени и создадоа добра атмосфера во текот на сите 90 минути. Им имам напоменато на играчите и во изминатите денови дека Куп натпреварите секогаш се специфични. Нормално, Шкендија Арачиново не е екипа која треба да ја потцениме, затоа што е тим кој е во врвот на табелата во Втората лига на Македонија и кога не си на најдобро ниво на менталитет, може да бидеш и казнет, како што бевме изненадени во првото полувреме“, заврши Беќири.

Реванш натпреварот кој ќе го реши патникот во финалето се игра на 6 мај, а останува да се види на кој терен Шкендија Арачиново ќе го дочека фаворитот од Тетово.