Беќири: Не правам анализи кога немаме стандарди и услови за фудбал!

Шкендија ја продолжи трката за врвот во првенството со триумф над Шкупи во дуел кој се одигра во Струга. Натпреварот донесе драматичен пресврт, бидејќи играчите од Чаир први дојдоа до предност, но тетовскиот состав одговори со два гола и ја запечати победата.

Сепак, наместо да анализира тактички детали и клучни моменти од мечот, тренерот Јетон Беќири одлучи да стави акцент на нешто што, според него, претставува сериозен проблем во домашниот фудбал: лошите терени.

„Задоволен сум од резултатот и од тоа што го реализиравме она што го замисливме. Но кога мора да играме на терени кои не ги исполнуваат ниту минималните стандарди, јас како тренер морам да се воздржам од анализа. Ќе го почитувам професионализмот на мојата работа и затоа нема да навлегувам во деталите. Ова не е фудбалски терен и надлежните институции мора да преземат одговорност. Не можам да дозволам да зборувам за играта кога најосновниот предуслов за фудбал недостига.“, изјави Беќири.

Со оваа победа, Шкендија останува во чекор со водечките екипи и повторно го затегнува притисокот во борбата за шампионската титула.