• Горан Упале
Македонскиот првак Шкендија во четврток ќе го одигра реванш-дуелот од плеј-офот во Лига Европа против бугарскиот шампион Лудогорец, на „Хувефарма Арена“ во Разград.
Натпреварот започнува во 19:30 часот по локално време, а по пристигнувањето во Бугарија пред медиумите зборуваа тренерот Jeтон Беќири и напаѓачот Лиридон Латифи.
„Секој натпревар има своја приказна, не можеш цело време да бидеш ниту офанзивен, ниту дефанзивен. Мора да се менаџираат минутите. Ние немаме висока предност, па во одредени моменти ќе бидеме и офанзивни. Секако, ќе настојуваме да ја одиграме нашата најдобра партија, со максимална дисциплина во одбраната.
Станува збор за квалитетен противник кој во секој момент може да казни ако не си целосно фокусиран. Hие веќе постигнавме нешто, но мора да бидеме „гладни“ и да веруваме дека можеме да се пласираме во Лига Европа. Лудогорец е фаворит, но во фудбалот не победува секогаш фаворитот. Видовме многу примери каде тимови со многу поголем буџет и квалитет биле елиминирани. Затоа ќе влеземе со целосен респект, но и со верба во сопствените сили“, изјави Беќири.
Лиридон Латифи додаде дека се спремни да го дадат максимумот да за го остварат посакуваниот исход.
„Работевме напорно цела недела за да стигнеме до позитивен резултат. Фаворит ќе биде Лудогорец, но ние ќе дадеме максимум за да го оствариме посакуваниот исход. Притисокот не е кај нас, туку кај нив. Ние победивме во Скопје со 2-1 и верувам дека можеме повторно да се израдуваме“.
Латифи посебно истакна дека прекините може да бидат силна алатка.
„Работевме многу на прекините, знаеме точно што да направиме. Што се однесува до голот од слободен удар во првиот натпревар, тоа е нешто што го вежбав уште од детството, не беше случајност“, заврши младиот напаѓач
Шкендија последниот тренинг го одработи вечерва, а утре ќе се обиде да направи историски подвиг и да се пласира во групната фаза на Лига Европа. Тимот од Тетово на првата средба во Скопје извојува победа од 2-1 и доколку ја одбрани оваа предност ќе патува во лигашкиот дел од второто по квалитет натпреварување на УЕФА:



