• Мартин Танасковски
Македонскиот фудбалски првак Шкендија испишува нова, златна страница во својата историја и го доживува најголемиот европски успех досега. Тетовскиот тим обезбеди пласман во плеј-оф фазата на УЕФА Конференциската лига, што претставува историски момент не само за клубот, туку и за македонскиот фудбал во целина, особено ако се земе предвид дека ова е нивно деби во главната фаза на натпреварувањето.
Иако Шкендија беше поразена на гостувањето кај АЕК Ларнака на Кипар, тој резултат немаше негативни последици. Освоените седум бодови од шест одиграни натпревари беа доволни за тетовци да го задржат своето европско присуство и во 2026 година, како и да обезбедат најмалку уште два натпревари во Конференциската лига на пролет. Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, не го криеше задоволството од оствареното.
„Секако дека ова што го постигнавме е нешто навистина значајно. Што се однесува до самиот натпревар, мислам дека добро ги држевме работите под контрола до 53. минута, кога добивме црвен картон. Во тие моменти планиравме освежување на тимот, бидејќи беше јасно дека домашната екипа ќе преземе поголем ризик. Игравме против исклучително квалитетен противник, тим кој во ова натпреварување победувал екипи од највисоко европско ниво“, изјави Беќири.
Емоциите, како што вели стратегот на Шкендија, се неизбежни, бидејќи станува збор за успех што долго време бил само сон.
„Нормално е да има позитивни емоции. Прво сонувавме да влеземе во Конференциската лига, потоа да ја минеме групната фаза, а сега кога го направивме и тоа ќе сонуваме да поминеме уште еден круг. Такви сме ние, особено тетовци. Иако е веднаш по натпреварот, емоциите се силни, но убеден сум дека Шкендија во овие шест натпревари покажа стабилност. Со малку повеќе среќа и искуство, мислам дека заслужувавме и повеќе бодови“, истакна Беќири.
Тој упати и посебна благодарност до навивачите и целата спортска јавност.
„Сакам искрено да им се заблагодарам на сите што нè поддржуваа – на навивачите, на спортската јавност, а особено на ‘Балистите’, кои беа со нас во секој агол на Европа. Им порачувам дека напролет повторно ќе се видиме во Европа. За нас, приоритет ќе бидат првенството и Купот, а Европа ќе биде еден убав луксуз. Противниците што можеме да ги добиеме на ждрепката се силни и атрактивни екипи. Нè очекува убава пролет, пролет што ќе донесе позитивни работи“, додаде тренерот на тетовци.
Интересен беше и неговиот осврт кон критиките што клубот ги добиваше. Гледано во целина, шефот на стручниот штаб смета дека пласманот во следната фаза е јасен показател за успешна кампања, иако апетитите секогаш остануваат високи.
„Сакам да им се заблагодарам и на оние што постојано не критикуваа. Верувам дека и тие имаат заслуга за позитивните резултати. Би замолил критиките да не се насочуваат кон фудбалерите, туку кон мене – јас сум главниот одговорен“, порача Беќири и продолжи:
„Кога ќе поминеш една фаза, тоа може да се нарече успех. Но јас никогаш не сум целосно задоволен, секогаш барам повеќе. Дури и денес, иако од 53. минута игравме со фудбалер помалку, ќе бев пресреќен ако излезевме со реми или победа. Сепак, физичкиот напор и нарушувањето на концептот на играта против исклучително силен противник си го прават своето. Најважно е да останеме позитивни, да учиме од ова искуство. Сè што ни се случи оваа година е нешто ново, извонредно и повеќе од тоа тешко дека можевме да посакаме“, заклучи Беќири.
Со овој успех, Шкендија не само што ја зацврсти својата позиција на европската сцена, туку и најави возбудлива фудбалска пролет, во која тетовци ќе продолжат да го сонуваат својот европски сон. Во нокаут-рундата, Шкендија ќе игра со Лех Познањ од Полска или Самсунспор од Турција.



