Беќири: Дури и птиците знаат кој е најдобриот тим во Македонија!

Тренерот на тетовска Шкендија, Јетон Беќири, го изрази своето задоволство по важната победа над Вардар (0-1) во Првата македонска лига, истакнувајќи дека сите во неговиот табор силно ги посакувале трите бода на гостувањето во Скопје. 

Шкендија оствари минимален триумф и ја прекина долгата низа без пораз на вардарци (39 натпревари), правејќи ја битката за шампионската титула исклучително интересна. 

„Очекував победа, затоа што се подготвувавме со максимален интензитет. Имавме само два дена одмор, но дадовме максимум од своите можности за да одиграме најдобро што можеме. Им ја посветувам победата на нашите навивачи, Шкендија е голем клуб и бренд кој е познат и надвор од границите на Македонија. 

Притисокот сега е врз Вардар, успеавме да се доближиме на само еден бод и ќе се бориме до крајот за да дојдеме до првото место на табелата. Имаме добра серија на резултати, сакам тоа да продолжи и на следните натпревари.

Со посветеност и максимален фокус, верувам дека можеме да ја оствариме целта. Дури и птиците знаат кој е најдобар тим во Македонија“, изјави Беќири. 

Шкендија сега има 51 бод, само еден помалку од лидерот на табелата. Во следното коло, тетовскиот прволигаш ќе се соочи со екипата на Брера Струмица.