Беќири: Дуелите со Вардар ми се лесни за подготовка, некои доаѓаат само да провоцираат!

Екипата на Шкендија полесно од очекуваното славеше на големото дерби со Вардар со 4-0, во осмата рунда во Првата македонска фудбалска лига. Во натпревар со многу тензии и прекини тетовчани во целост го надиграа противникот, а тренерот Јетон Беќири истакна дека нему како тренер никогаш не му било тешко да го подготви својот тим за натпревар со Вардар. 

„Мислам дека одигравме многу добар натпревар. Тотална доминација од почеток до крај. Важно е што не ризикувавме  и што не примивме гол. Можеби можевме да постигнеме уште некој погодок, но генерално задоволен сум од тоа како го менаџиравме натпреварот. Натпреварите против Вардар за мене како тренер се многу лесни за подготовка и од аспект на мотивација и од аспект на извлекување максимум од играчите“, вели Беќири.

Тренерот на Шкендија ја коментираше и поддршката од навивачите, како и инцидентот што се случи во самиот финиш.

„Се знае дека нашата публика е извонредна, и „Балистите“ и останатата публика. Сепак, има ситуации кога во одредени моменти би требало да бидат посмирени, бидејќи има некои типови на противничките екипи кои доаѓаат само да провоцираат“, заврши тренерот на Шкендија. 

Вардар победа над Шкендија чека уште од 2017 година, а доколку нема посериозни промени во иднина, тешко веројатно дека и оваа сезона ќе успее да слави над големиот ривал.