Бекам работи на „случајот Меси“ – нов договор за аргентинскиот генијалец

Според информациите на еден од најреномираните спортски новинари во светот, Фабрицио Романо, иднината на аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси е сè појасна, легендарниот напаѓач е на добар пат да го продолжи својот престој во Интер Мајами.

По завршувањето на регуларниот дел од сезоната во МЛС-лигата, Меси и клубот веќе се во напредна фаза на преговори за нов договор, а според најновите информации, останува да се прецизираат само последните детали пред официјалното потпишување.

Меси ја заврши сезоната со неверојатен учинок од вкупно 48 голови и асистенции, со што уште еднаш потврди дека и на 38-годишна возраст останува на највисоко ниво. Според Романо, Аргентинецот е „целосно посветен на проектот на Интер Мајами“, каде што има клучна улога не само како играч, туку и како лидер и ментор на помладите фудбалери.

Во последниот натпревар од регуларната сезона, Интер Мајами го совлада Нешвил со убедливи 5-2, а Меси повторно блесна со хет-трик и една асистенција. Со овој триумф, фудбалерите на тимот од Мајами го обезбедија второто место на табелата и обезбедија поволна стартна позиција за плејофите.

Во првото коло од завршницата, клубот од Флорида повторно ќе се сретне со Нешвил, а форматот на плејофот во МЛС е различен од оној во европските натпреварувања, победникот од секоја серија се определува по системот „два од три“, односно екипата што ќе оствари две победи ќе се пласира во следната рунда.