Бејтулаи: Шкендија мора да биде тактички перфектна во Романија

Егзон Бејтулаи се врати во Шкендија и е големо засилување во одбраната. Репрезентативецот на Македонија го најави мечот против Ботошани во Лигата на Европа и кажа дека мора да се биде тактички перфектен ако се сака пласман во наредната фаза.

Македонскиот тим кој има искуство на европската сцена во претходната рунда го елиминира Сумгајит од Азербејџан на гостински терен. Ждрепката посака Шкендија пак да биде гостин, овој пат во Романија.

„Мечот во Европа Лигата е голем мотив за нас. Ботошани има добар тим, ги респектираме, ама Шкендија секогаш сака позитивни резултати. Се наоѓаме во пандемија, нема да играме реванш поради тоа и ќе мора да бидеме претпазливи. Се подготвувавме за овој предизвик една недела. Веруваме дека ако ги исполниме задачите, ќе дојдеме до посакуван пласман во наредната фаза. Тактички ако сме на ниво како на првата средба, можеме до зацртаната цел“, изјави Бејтулаи.

Дуелот меѓу Ботошани и Шкендија се игра в четврток од 17:15 часот. Ова ќе биде прв меѓусебен дуел на двете екипи. Ботошани досега нема играно со друга екипа од Македонија.