Бејтулаи од приватни причини го раскина договорот со Хелсинборг

Македонскиот дефанзивец Егзон Бејтулаи ја заврши својата авантура во Хелсинборг, денес објави шведскиот прволигаш.

Поранешниот член на Шкендија во јануари оваа година се реши за прв интернационален предизвик, но по само пет месеци се врати во родната Македонија, иако со клубот имаше договор до јуни 2020 година. 

„Морам да бидам покрај семејството во Македонија. Бидејќи не сум во можност да го дадам максимумот, мислам дека ова решение е најдоброто за двете страни. Добро е што наидов на разбирање од раководството на клубот, и за тоа им сум благодарен. Му посакуван сè најдобро на Хелсинборг во иднина“, вели македонскиот репрезентативец. 

Поради пандемијата со коронавирус, Бејтулаи уште од пред извесен период ја напушти Шведска и се врати во Македонија, од каде ќе чека понуда за нов ангажман.