Бејтулаи: Не треба да го користиме зборот „страв“ кога говориме за Косово

Македонскиот фудбалски репрезентативец Егзон Бејтулаи во интервју за косовските медиуми изјави дека не стравува од нападот на Косово и дека верува во квалитетите на Македонија пред баражот за пласман на ЕП 2020.

Двете селекции се во исчекување, а Бејтулаи вели дека Косово е квалитетна репрезентација и дека целиот тим изгледа добро, а не само нападот.

„Имам респект за Косово. Но, мислам дека зборот „страв“ не треба да се користи кога зборуваме за ривалот, затоа што сега во фудбалот секој се труди да ги покаже своите квалитети. Не се добри само Муричи и Рашица, тука се и другите играчи. Но, јас сум убеден дека и Македонија има свој квалитет. Теренот ќе биде мерило која репрезентација е подобра, верувам дека ќе следи меч за уживање“, изјави Бејтулаи во интервју за „Газета Експрес“..

Натпреварот меѓу Македонија и Косово според терминот беше закажан на 26 март, но е одложен за месец јуни поради коронавирусот во Европа.