• Горан Упале

Фудбалската репрезентација на Велс ја забележа втората победа во низа во квалификациите за Мундијалот во Катар, откако преку пресврт славеше на гостувањето кај Белорусија, со резултат 2-3 (2-1).
- Извештај од натпреварот:
Херој на островската селекција, по кој знае кој пат во последните години, беше првиот ас Герет Бејл, кој одново докажа дека кога игра за својата селекција, секогаш го дава максимумот. Членот на Реал Мадрид блесна во вистински момент и со три гола, од кои последниот во самата завршница, ѝ донесе значајни три бода на репрезентацијата.
Токму Бејл уште во шестата минута го отвори резултатот, реализирајќи од најстрога казна, но на полувреме се замина со водство на домаќините, откако Лисакович и Седко погодија за пресврт и 2-1 за Белорусија.
По неколкуте замени на стартот од вториот дел, Велс со сите сили тргна во офанзива, а тоа донесе нов погодок на Бејл (69. минута) за 2-2,. Ѕвездата на „кралевите“ во 93. минута одново се најде на вистинско место и го шокира домаќинот (2-3).
Во следното коло Велс на свој терен ќе ја пречека селекцијата на Естонија, додека Белорусија ќе се судри со Белгија.