Баже Илијоски објави пензија, во иднина ќе заплови во тренерските води

Баже Илијоски официјално објави дека донел одлука за завршување на фудбалската кариера, откако минатата сезона ја финишираше во дресот на матичниот Работнички. Најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ заминува во играчка пензија во 34-тата година од животот, а во иднина своето искуство ќе го пренесе на помладите. 

Илијоски низ кариерата од една ипол деценија ги носеше дресовите на Работнички, Металург, Пелистер и Шкупи во Македонија, Инчон, Гангвон (Јужна Кореја), Брашов, Рапид Букурешт (Романија), Гифу (Јапонија), Бангкок Блас и Келантан (Тајланд).

Одигра 13 натпревари и за најсилната македонска репрезентација, а низ годините беше специјалист за Куп-натпреварувањата. 

„Време е да им отстапам место на помладите и желни за успех. Благодарност до сите што беа со мене во текот на целата кариера, од соиграчи, тренери, судии, новинари... Посебна благодарност до мојот Работнички, кој ме научи како се живее за успеси и фудбал“, напиша на социјалните мрежи Илијоски. 

И покрај неговиот придонес оваа пролет, Работнички со поразот од Шкупи во последното коло не успеа да се квалификува за квалификациите на Лига Европа.