• Иван Димовски
Фудбалерите на Баерн Минхен ќе бркаат втора победа во групната фаза на Лигата на шампионите, на гостински терен во Копенхаген. Иако важат за огромен фаворит, на прес-конференцијата од баварскиот табор беа претпазливи. Томас Тухел покажа респект кон натпреварувањето, како и противникот.
„Се подготвуваме како за секој друг натпревар. Навистина го почитуваме секој ривал во Лигата на шампионите. Групната фаза се игра натпревар по натпревар. Сакаме да бидеме првиот тим кој ќе победи на гости во Копенхаген во ова натпреварување по долго време. Нивната серија дома зборува за квалитетот“, смета тренерот на Баерн.
Покрај него, навистина претпазлив беше и Џошуа Кимих, кој кажа:
„Знаеме дека Копенхаген е многу, многу силен на домашен терен. На својот стадион долго немаат пораз. Тоа е причина плус зошто мора да се подготвиме максимално добро. Ќе ги прегледаме видео анализите на тренерскиот тим“.
Во првото коло Баерн славеше во трилерот со седум гола против Манчестер Јунајтед (4-3), додека Копенхаген во финишот испушти победа во Истанбул кај Галатасарај (2-2).