ВИДЕО: Батчиуји го утна невозможното, па донесе триумф за Челзи кај Ајакс

Екипата на Ајакс ги разочара своите фанови и на домашен терен загуби од Челзи (0-1) во рамки на третата рунда од групната фаза во фудбалската Лига на шампиони.

  • Извештај од натпреварот:

„Копјаниците“ беа поактивни, имаа свои шанси, дадоа и гол кој ВАР им го поништи, меѓутоа бодовите заминуваат за Лондон. Со трите бода Челзи фати приклучок кон врвот и притисокот е кај холандскиот претставник. „Сините“ имаат шест бода, исто колку и Ајакс.

Дуелот во Амстердам почна мирно, а двете екипи немаа сериозни шанси, се до 36. минута, кога на „Јохан Кројф“ Арена домаќинот постигна гол. Ајакс дојде до предност, Квинси Промес по една акција ја смести топката во мрежата на Кепа, но судијата Хатеган по консултација со ВАР-технологијата го поништи голот.

Без голови гласеше реузлтатот и на паузата, а Ајакс беше тимот што притисна на стартот на вториот дел. Во еден момент и стативата беше сојузник на Челзи, затоа што обид на Тадиќ по еден изведен корнер заврши во дирекот. 

Најдобрата шанса за мечот ја имаше Батчиуји, кој влезе од клупата за резерви, а веднаш влезе во шанса, но го промаши невозможното. Офанзивецот налета на една одбиена топка на три метри, ја смири, но го префрли целиот гол и наиде на сеир кај сите љубители на фудбалот.

Но, тој се поправи, кога во 86. минута даде гол за гостинот од Лондон. Пулишиќ кој исто така влезе од клупата за резерви одлично влезе по левата страна и нафрли, а топката заврши кај Батчиуји, кој со помош на пречката го совлада Онана.

За Челзи ова е втора победа во новата сезона од ЛШ, додека Ајакс го почувствува првиот пораз. Во наредното коло „сините“ се домаќини на Ајакс.