• Иван Димовски

Фудбалскиот клуб Башкими не остана нем и објави соопштение насочено кон судијата Пларент Салихи во однос на завршницата од натпреварот против Брера во Струмица (1-1). Оваа прволигашка средба заврши без победник, а на крајот струмичани се извлекоа од пораз со гол од спорен пенал.
<<< - ПОВРЗАНО - Спорна одлука во Струмица: Имаше ли пенал за Брера против Башкими? (ВИДЕО)
Поради одлуката на судиите на теренот и во ВАР собата да се досуди најстрога казна, од Башкими реагираа и го обвинија Салихи дека бил 12. играч на Брера во Струмица.
„Иако мислевме дека сите предуслови беа исполнети за да се одигра еден убав и фер првенствен натпревар, за жал, на сцена излезе главниот судија на натпреварот, тетовецот Пларент Салиху, кој без никаква причина го „симна" дресот на судијата и за чудо стана дванаесеттиот играч на ФК Брера, предизвикувајќи револт, нервоза и вознемиреност кај нашите навивачи, играчи и раководството на клубот.
Пларент Салиху, уште од првата минута, губејќи контрола врз својата задача, донесуваше скандалозни и еднострани тенденциозни одлуки со цел да го оштети нашиот клуб, со што не само што го уништи најубавиот спорт – фудбалот, туку директно го наруши и угледот на Фудбалската федерација, фер-плеј натпреварувањето и убавината на овој спорт. Неговите постапки и одлуки беа спротивни на фер-плејот, спортот и на чесната игра. Денес тој уништи се, претворајќи го фудбалот во циркус!
Почитуван Јосип Бартон, комесар за судии, дали се срамите од постапките на вашиот судија, кој за само 4 недели тешко ги оштети и ФК Осогово и ФК Башкими 1947 со две супер скандалозни одлуки?
Дали сте свесни дека токму ваквите ваши аматерски и тенденциозни судии ги бркат инвеститорите и публиката?
Почитувани господа со кравати! Да инвестираш во домашниот фудбал значи да вложуваш во бунар без дно – а за тоа сте виновни ВИЕ! Неколку кола по ред, Башкими е оштетен од судењето. Не реагиравме, затоа што верувавме во човечки грешки. Но денес, ова беше СКАНДАЛ! УЖАС!
Бараме од Фудбалската Федерација и од Комесарот за судење да реагираат на ова скандалозно и штетно судење против нашиот клуб, со суспензија на Пларент Салиху и со тоа да се испрати порака дека Федерацијата е за фер натпреварување. Во спротивно, ќе сметаме дека против Башкими е организиран пуч, со цел да се запре подемот на нашиот клуб! На крај, не ги чепкајте навивачите, не ги повредувајте, затоа што тие се нашето богатство – тие ја одржуваат спортскиот дух и се кислородот на нашиот клуб!
Башкими по девет кола има 15 бода и е на петтата позиција, додека Брера со 12 е седмопласирана.



