Башкими направи чудо и ја порази Струга во Куманово!

Екипата на Башкими направи резултатско чудо и подвиг на домашен терен и ја победи Струга Трим Лум (2-1). Домаќините важеа за аутсајдери, но освоија многу важни три бода во борбата за опстанок. Струга пак ја остави Шкендија осамена на врвот.

Струга натпреварот го почна во грч, под голем притисок, а Башкими беше изненадувачки тимот што диктираше игра на теренот во Куманово. Во 14. минута, волеј кон голот на стружани испрати Стафа, но профуче крај дирекот, а потоа во 17. и 18. минута на сцена стапи голманот Василев кој ја спасуваше Струга во два наврати од обидите на Рибеиро.

Првата добра можност да постигне гол Струга ја имаше во 21. минута, Зенделовски доби топка во празно и излезе пред голот, но со лизгачки старт во корнер изби еден од дефанзивците на Башкими.

Струга успеа прва да постигне гол на мечот во 26. минута, кога по корнер на Хамза кој беше доста остар, во мрежата на младиот Алију погоди Ласана Диако кој го даде вториот сезонски гол. Сепак, Башкими не чекаше долго за одговор, па во 33. минута, Ор успеа да израмни на 1-1.

До полувремето се играше активно, но трет погодок немаше. На самиот старт на вториот дел следеше нов шок за гостинот. Во 51. минута, Маимона донесе 2-1 за Башкими. Потоа Воша не успеа да погоди за израмнување, а нововлезениот Малески потоа имаше судир со голманот на ривалот по што заработи жолт картон. Гостите во еден момент во 77. минута бараа и пенал заради игра со рака, ама не го добија од судијата Стојанов. До финишот Струга притискаше, ама не го најде патот до мрежата на Башкими.

Прва македонска фудбалска лига
Деветто коло

Башкими – Струга 2-1 (1-1)
Башкими стадион Куманово, гледачи 500
Главен судија: Стојанче Стојанов
Асистенти: Ристо Ѓорѓиев и Богданчо Ѓеоргиев
ВАР-судија: Никола Костенчев
Стрелци: Ор, Маимона (Башкими), Диако (Струга)
Жолти картони: Фавзи, Мурати, Телнеп (Башкими), Хамза, Малески, Рама (Струга ТЛ)
Црвени картони:

Башкими:
Алију, Јахаја, Телнеп, Исмаили, Рибеиро, Антонио (од 92м. Мирчевски), Мурати, Маимона, Стафа (од 73м. Лимани), Хасан, Орр (од 90м. Саити)

Струга ТЛ:
Василев, Рама (од 78м. Белица), Воша (од 59м. Исмаили), Зенделовски (од 59м. Рочи), Агамах, Бојку, Радески, Фал, Алији (од 73м. Шабани) Хамза (од 61м. Малески), Диако 

Играч на натпреварот: Антонио Маимона (Башкими)

Во следното коло на Првата лига, Струга Трим Лум ќе гостува кај Шкендија Арачиново, додека Башкими ќе му биде домаќин на Силекс.