• Горан Упале
Екипата на Башкими ја забележа можеби најважната победа во досегашниот дел од шампионатот во ВМФЛ, откако во последното есенско коло со 2-1 (1-0) славеше над директниот конкурент за влез во елитата, Брегалница. Головите за домаќините ги постигнаа Хамза Меметриза и Хусеин Демити, а единствениот гол за гостите беше дело на Давид Калпачки.
- Башкими - Брегалница 2-1:
Башкими со предност од 1-0 замина на полувреме, но првите 45 минути беа одбележани и по еден инцидент и еден неспортски потег на гостинскиот голман.Имено, откако главниот судија Игор Иванов од Велес прекина една акција на домашните фудбалери, двајца членови на Башкими сакаа да влезат во теренот и да се пресметаат со него. За среќа навремената реакција на редарската служба и полицијата спречен беше поголем инцидент.
Навредите кон судиите продолжија и по завршувањето на полувремето, откако гостинскиот голман, Серафимов направи срамен потег и тоа пред очите на Иванов. Судијата во првиот случај додели картон на член на стручниот штаб на Башкими, но чудно е како гостинскиот голман за овој потег остана без опомена. Причината за ваквиот потег на Серафимов е нејасна, но секако дека е несоодветна за фудбалски натпревар.
- Инцидентот на натпреварот Башкими - Брегалница:
Во второто полувреме Башкими зголеми на 2-0, а до крајот на средбата штипските „сини“ успеаја само да го ублажат поразот.
По натопениот терен „Благој Истатов“ во Струмица, лидерот Македонија Ѓорче Петров ја совлада Беласица со 0-4 и се зацврсти на врвот. Најдобриот стрелец во Втората лига, Симеон Христов, постигна два погодоци до одморот и ја најави победата на скопјани. Крсте Велкоски и Марио Станковски го заокружија триумфот во вториот дел.
- Беласица - Македонија Ѓорче Петров 0-4:
Поранешниот редовен член во ПМФЛ, Борец од Велес претрпе уште еден пораз, вкупно дванаесетти оваа сезона, откако на гостувањето во Охрид загуби со убедливи 4-1. Домашната екипа на тој начин стави крај на лошата серија и по двата реми исхода и двата порази им се врати на успесите во второлигашниот шампионат.
- Охрид - Борец 4-1:
Фудбалерите на Арсими го искористија домашниот терен и со сигурна победа заминуваат на зимска пауза. Во натпреварот со Вардар Неготино домаќините славеа со 5-1, откако на полувреме резултатот беше 1-0.
- Арсими - Вардар Неготино 1-0:
Во Богданци екипата на Вардарски конечно ги израдува своите фанови и ја забележа првата победа во ВМФЛ. И покрај тешкиот терен домашниот тим ги искористи своите шанси и над Осогово славеше со минимални 2-1. Филип Радевски и Илија Баламов погодија за богданчани, а голот на Осогово беше автогол на Христијан Бејков во 54. минута. Ова беше нов удар за кочанскиот тим, кој никако не може да излезе од кризата и со тоа останува во зоната за испаѓање.
- Вардарски - Осогово 2-1:
На останатите натпревари од последното есенско коло во ВМФЛ победник немаше. Без голови завршија дуелите меѓу Новаци и Кожуф и Победа – Детонит (0-0). Натпреварот меѓу Каменица Саса и Скопје е прекинат во второто полувреме при резултат 1-1, поради напад на гостинските претставници.
Македонија Ѓорче Петров е лидер со 38 бода и ќе ја понесе титулата есенски првак. Пет бода зад „лавовите“ доцни Брегалница, а шест заостанува Башкими. Пролетниот дел на Втората лига почнува на 15 февруари 2025 година.