Башкими: Реакцијата покажува дека ФФМ сака да го одбрани интегритетот на ПМФЛ

Финишот на средбата меѓу Брера и Башкими во Струмица (1-1) крена огромна прашина. Натпреварот од деветтото коло на ПМФЛ беше решен со спорен пенал кој струмичани го искористија за да освојат бод. 

Следуваа соопштенија, Башкими се пожали дека е оштетен, а ФФМ и Судиската комисија имаа брза реакција и потврдија дека судијата Пларент Салихи погрешил. Сега од кумановскиот клуб го поздравија тој потег на ФФМ.

„Башкими ја поздравува брзата реакција на ФФМ и Судиската комисија поврзана со скандалозното судење на вчерашниот натпревар со Брера. 

Инстантната реакција и прогласувањето на првиот чекор против судијата Пларент Салихи покажува дека во ФФМ се решени да го одбранат интегритетот на натпреварувањето против индивидуалци кои ја уништуваат сликата за фудбалот. Се надеваме дека ова е само почеток и очекуваме понатамошни мерки за сите вакви потези кои ја повредуваат фудбалската правда. 

Фудбалот може да оди напред само со фер и непристрасни одлуки. Не посакуваме неправди никому. Се жалиме за ваквите случаи да не се повторуваат, бидејќи секој клуб заслужува еднаквост на теренот“, стои во новото соопштение.

Судиската комисија најави дека Салихи ќе биде казнет при оценувањето на перформансот во Струмица.