• Мартин Танасковски

Екипата на Барселона е нов лидер во Примера. Каталонците го победија Рајо Ваљекано (1-0) и така се искачија на првото место пред Реал Мадрид и Атлетико Мадрид кои кикснаа во ова коло и не победија.
Избраниците на Ханси Флик важеа за апсолутни фаворити, но доста се намачија да го победат ривалот од Ваљекас. Мечот по себе носи полемики, за начинот на кој Барселона дојде до трите бода. Имаше неколку спорни моменти, вредни за анализа.
- Извештај од натпреварот:
Првиот спорен момент е пеналот на Барселона. Ињиго Мартинез падна во казнениот простор по контакт со ривал, иако топката не одеше кон него. Судијата гледаше ВАР и покажа на белата точка, а во 28. минута за 1-0 погоди Роберт Левандовски.
Како спорни моменти се наведуваат и два недосудени пенали за Рајо Ваљекано. Гостите од мадридското предградие се бунеа, но залудно. Капак на се и поништениот гол на Рајо кој падна во 43. минута, откако судијата одлучи дека еден од играчите влијаел на акцијата и имало елементи за нерегуларности.
Сепак, трите бода стојат, Барселона дојде до бројката од 51 бод, исто колку што има и второпласираниот Реал Мадрид. Третопласиран е Атлетико со 50 бода. Битката за титула до крајот ќе биде интересна...