• Саше Љолес
Барселона официјално поднесе нова жалба до УЕФА поради судењето во четвртфиналниот двомеч од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.
Каталонскиот клуб смета дека во двата натпревари биле направени сериозни судиски грешки кои директно влијаеле на текот и конечниот исход на дуелот. Особено се потенцира недосуден пенал, спорни одлуки околу црвените картони, како и недостаток на реакција од ВАР-собата во клучни ситуации.
Од Барселона истакнуваат дека ваквите пропусти предизвикале не само спортска, туку и финансиска штета за клубот, поради елиминацијата од натпреварувањето.
Интересно е што ова не е прва реакција - претходната жалба на Барселона веќе беше одбиена од УЕФА како неоснована, по што клубот реши повторно да се обрати до Европската куќа на фудбалот.
Во новото обраќање, Барселона не само што се жали на судењето, туку и нуди соработка со УЕФА со цел да се подобри судискиот систем и да се обезбеди поголема транспарентност и фер одлуки во иднина.
Незадоволството во клубот е големо, особено по елиминацијата од Атлетико, која според нив била под силно влијание на спорните судиски одлуки.




