Ќе треба фудбалски чуда за Барселона и ПСЖ да испаднат од ЛШ

Ни следат реваншите од четвртфиналето во Лигата на шампионите, а програмата ќе се отвори со мечеви во Дортмунд и Бирмингем, каде ќе се сретнат Борусија и Барселона, односно Астон Вила и ПСЖ.

Барселона доминираше на првиот натпревар и дојде до многу убедлива победа од 4-0. Борусија имаше свои моменти во Шпанија, но тие се потпираа на прилично офанзивна шема и тоа доведе до многу празнини во одбраната. Паскал Грос се враќа по одлежувањето на суспензијата, но бундеслигашот е без Нико Шлотербек до крајот на сезоната. Џејми Гитенс се надева дека повторно ќе биде стартер, а капитенот Емре Џан го пропушти последниот тренинг на тимот и е под знак прашалник за натпреварот.

На спротивната страна, кога ќе се погледне тимот на Каталонците, Ханси Флик нема кадровски проблеми. Главните играчи се на располагање, а Барселона е мотивирана затоа што игра за историска сезона и е во напад на сите четири трофеи.

Во второто четвртфинале, на Астон Вила ќе ѝ треба посебен момент за да ја избрише негативата од два гола со моќниот ПСЖ. Во осминафиналето, францускиот тим импресионираше со својот настап против Ливерпул и се пласира понатаму и покрај тоа што го загуби првиот натпревар.

Во добра форма е и европскиот шампион од 1982 година. Тимот од Бирмингем победи на осум од последните девет натпревари. Имаат само два порази на „Вила Парк“ од почетокот на сезоната. Пари Сен Жермен пред десетина дена обезбеди уште една титула во Франција. Избраниците на Луис Енрике немаа натпревар во текот на викендот бидејќи нивниот натпревар од Лига 1 беше одложен и тие целосно се подготвуваа за реваншот против Астон Вила.