• Саше Љолес
Фудбалскиот клуб Барселона официјално ја започна постапката за кандидатура за домаќинство на финалето на Лигата на шампионите во 2029 година. Каталонскиот гигант планира спектакуларниот натпревар да се одигра на реновираниот „Ноу Камп“, кој во тој период треба целосно да биде завршен и подготвен за големи настани.
Кандидатурата е поднесена во соработка со Градот Барселона и регионалните власти, што покажува сериозна намера клубот повторно да ја врати елитната европска сцена во Каталонија.
„Камп Ноу“ е еден од најлегендарните стадиони во светот и последен пат беше домаќин на финале на Лигата на шампионите во 1999 година, кога Манчестер јунајтед направи историски пресврт против Баерн Минхен (1-2).
Процесот е во рана фаза, а конечната одлука ќе ја донесе УЕФА по разгледување на сите кандидатури. Барселона ќе има силна конкуренција од други европски градови, но клубот верува дека модернизираниот стадион, инфраструктурата и глобалната привлечност на градот се голем адут.
Доколку кандидатурата биде успешна, финалето во 2029 година би било вистинска круна на големиот проект за обновување на „Камп Ноу“ и силен симбол на враќањето на Барселона меѓу водечките фудбалски центри во Европа.






