Барселона го крена гласот, поднесе жалба за судиите со Атлетико

Фудбалскиот клуб Барселона официјално соопшти дека поднел жалба до УЕФА поради контроверзните судиски одлуки на првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид. Од клубот информираат дека нивниот правен тим поднел формална пријава, во која се наведува дека одредени судиски одлуки биле спротивни на правилата и директно влијаеле врз текот и исходот на натпреварот.

Жалбата се однесува конкретно на ситуација од 54. минута, кога, според Барселона, по правилно продолжена игра, противнички фудбалер играл со рака во шеснаесетникот, без да биде досуден пенал. Од каталонскиот клуб сметаат дека станува збор за сериозна судиска грешка, дополнително влошена од тоа што ВАР системот не интервенирал.

Поради тоа, Барселона побарала од УЕФА да отвори истрага, да овозможи увид во комуникацијата меѓу судиите и, доколку се утврдат пропусти, официјално да ги признае грешките и да преземе соодветни мерки.

Во своето соопштение, клубот нагласува дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширок проблем со судењето во последните изданија на Лигата на шампионите, при што, според нив, Барселона била повеќепати оштетена и доведена во нерамноправна позиција во однос на другите екипи.