• Саше Љолес
Мајорка и Барселона одиграа возбудлив натпревар во рамките на седмото коло од Примера и ремизираа со резултат 2-2 (2-1). Домашниот тим двапати имаше водство, но момчињата на Чави Хернандез успеаја да се изборат за бод од ова гостување. Виновник за второто реми на шампионот на Шпанија е голманот Марк Андре Тер Штеген, кој погреши при двата гола на домашната екипа.
- Извештај од натпреварот:
Ведат Муричи ја доведе Мајорка во водство уште во осмата минута, а четири минути пред крајот на првиот дел, Рафиња израмни на 1-1. Сепак, домаќините успеаја да го вратат водството преку Абдон Пратс, кој го постави резултатот на полувремето, 2-1.
Второто полувреме донесе поголема иницијатива на каталонскиот гигант. Барса имаше повеќе од играта и се обидуваше на разни начини да дојде до гол. Ламин Јамал изнуди пенал кој подоцна беше поништен по прегледувањето на ВАР-снимката. Сепак, само пет минути подоцна, младиот Фермин Лопез донесе ново израмнување со својот прв гол во Примера (2-2). Барселона одигра една одлична акција, Левандовски умешно ја пропушти топката до Ферин Лопез, кој немаше проблеми да ја смести топката во мрежата.
Петкратниот европски шампион тргна по трите бода од гостувањето кај Мајорка, но резултатот не се промени и на крајот дуелот заврши со конечни 2-2. Ова реми му дава шанса на Реал Мадрид да се врати на лидерското место, ако утре го совлада Лас Палмас. Во следното коло, Барса ќе игра со Севиља, додека Мајорка ќе патува во Мадрид кај Рајо Ваљекано.