ВИДЕО: Барселона доби жешка шлаканица од Гранада во Примера

Шпанскиот фудбалски првак Барселона продолжи со променливите игри во Примера и како гостин кај Гранада во рамки на 5. коло загуби со 0-2 (0-1).

  • Извештај од натпреварот:

Избраниците на Ернесто Валверде никако да фатат препознатлив ритам и да врзат две победи по ред во шпанскиот шампионат. Без Лионел Меси како стартер, тимот имаше големи проблеми, а потоа, иако тој влезе во игра, се виде дека не е доволно подготвен да игра во ритам по повредата што ја имаше.

Проблемите за Барселона се најавија уште во 2. минута, кога во мрежата на Тер Штеген погоди Азез. Погодокот на фудбалерот на Гранада е најбрзиот кој Барселона го примила од 2011 година на првенствен натпревар.

До крајот на полувремето и двете екипи имаа по една шанса, но не ја искористија, а на стартот на вториот дел во игра влезе Лео Меси и веднаш имаше еден шут од 25 метри, кој заврши во рацете на голманот на Гранада.

Во 65. минута следеше вториот шок за фаворитот, затоа што Гранада по прегледување на ВАР-снимка доби пенал. Истиот во гол го претвори Алваро Вадиљо, кој шутираше на левата страна и ги постави конечните 2-0 за домаќинот.

Гранада е хит во Примера по пет одиграни кола и се наоѓа на врвот на табелата со десет бода. Барселона, пак, е на седмото место со седум бода, а во наредната рунда ја чека домашен меч со Виљареал.