Барсегјан: Во Пјуник имам пријатели, но кога ќе почне мечот - нема пријателство!

Тигран Барсегјан во дресот на Вардар ќе игра против познат противник во Лигата на Европа. Ривал на вардарци ќе биде ерменски Пјуник, клуб кој Барсегјан го знае од настапите во татковината и за кој вели дека сака да го победат.

„Нема да ми биде необично што ќе играм тука во Ереван. Јас сум професионалец, и сигурно ќе сакам да победи мојата екипа. Имам пријатели во Пјуник, со некои фудбалери се познавам, меѓутоа на теренот кога ќе почне мечот нема пријателство. И тие како и јас ќе дадат се од себе да победат. Се надевам дека утре Вардар ќе биде подобар, и дека ќе извлечеме добар резултат пред реваншот на домашен терен“, изјави 24-годишниот Барсегјан.

Пјуник третпат ќе игра во Европа против македонски тим, а претходно беше на мегдан со прилепска Победа, во 2006 година, како и против Тетекс. На крајот од годината нашата фудбалска репрезентација ќе се соочи со Ерменија во рамките на Лигата на Нации.