Барсегјан: Работната виза ми правеше проблем, веќе си барам нов клуб

Ерменскиот фудбалер Тигран Барсегјан ја даде својата прва официјална изјава по заминувањето од редовите на македонскиот тим Вардар. Најдобриот стрелец си замина како слободен фудбалер, а во есенската полусезона не играше на половина од мечевите поради проблеми со работната виза.

„Стартот на сезоната беше многу успешен за мене. Потоа, имав проблеми со работната виза и не можев да играм мечеви. Веќе не сум во Вардар, имам понуди од други клубови и ги разгледувам. Во Новата година ќе имам нов клуб“, изјави 25-годишниот фудбалер.

Барсегјан беше важен дел од тимот на Вардар, а учествуваше и во историската сезона во која „црвено-црните“ обезбедија пласман во групната фаза на Лига Европа. Ерменецот важи за еден од најдобрите странци кои заиграле во нашата земја.