ВИДЕО: Барса подобро шутираше пенали од Бетис и закажа спектакл во Ријад!

Фудбалерите на Барселона подобро шутираа пенали и го исфрлија Бетис од полуфиналето на Суперкупот на Шпанија со 4-2 (2-2). Средбата која се одигра во Ријад понуди атрактивен фудбал, убави погодоци и драма до самиот крај. Барселона двапати водеше, ама ривалот се враќаше и се избори за пенал-рулет, во кој каталонскиот тим беше посигурен. 

  • Извештај од натпреварот:

Средбата тргна со мирно темпо, без премногу возбудувања на двете страни. Барса успеа да дојде до првиот погодок во 22. минута, меѓутоа поради офсајд Педри бадијала се израдува. Потоа следеше период во кој Бетис беше поконкретен, нареди неколку шанси кои не доведоа до погодок. Пред полувремето резултатот го отвори Роберт Левандовски, погодувајќи од зицер позиција за 0-1 во 40. минута

Второто полувреме тргна со низок интензитет, единствената добра закана ја имаше Рафиња, а потоа следеше серија измени. Долго време Бетис се обидуваше да го „скрши“ ривалот, па тоа му успеа на Набил Фекир кој во 77. минута израмни на 1-1. До крајот немаше резултатски промени, иако Барселона имаше две добри шанси за победа.

Стартот на продолжението донесе нова каталонска предност. Ансу Фати искористи една мешаница и со многу чувство реализира од белата точка за 1-2 во 93. минута. За нов егал се погрижи Лорен Морон, кој изведе ремек-дело и со пета израмни на 2-2 во 101. минута. Бетис остана со човек помалку во завршницата, исклучен беше Гвардадо, ама тоа немаше ефект на играта и се влезе во пенал-рулетот. 

Бетис и Барселона отворија добро, Вилијан Хозе и Морон, како и Левандовски и Кеси ги погодија првите четири пенали. Прв промаши Хуанми, па Фати донесе предност (2-3) и притисокот го „изеде“ Карваљо, кому Тер Штеген му го одбрани пеналот. Првата меч топка ја искористи Педри, па Барселона закажа „Ел Класико“ во финалето на Суперкупот.