ВИДЕО: Барса за малку не режираше чудо, Атлетико прв финалист во Купот на Кралот

Екипата на Атлетико Мадрид е првиот патник во големото финале во Купот на Кралот во Шпанија. На „Камп Ноу“ Барселона славеше со 3-0 (2-0), но не успеа да ја достигне негативата од првото соочување во Мадрид (4-0) и со тоа остана без шанса за одбрана на титулата во ова натпреварување. 

  • Извештај од натпреварот:

Барса во овој дуел влезе енергично и со брзо темпо, што и беше за очекување после високата негатива од Мадрид. Претежно напаѓаше преку крилата, додека Атлетико беше целосно фокусиран на одбраната, а се случуваше во казнениот простор да се брани со сите единаесет фудбалери. 

Германскиот стратег на клупата на Барса, Ханси Флик, уште во десеттата минута се соочи со непосакуван проблем. Десниот бек Кунде се повреди и не беше во можност да го продолжи натпреварот, па на негово место во игра влезе Балде, кој ја зазеде својата стандардна лева бековска позиција, додека Кансело се префрли на десната страна. 

Но и покрај тоа, Барса не отстапи од својот стил на игра. Првата шанса ја испушти Рафиња, потоа две имаше Феран Торес, за на крај Бернал на додавање на Јамал да ја погоди целта и да го отвори резултатот. 

 

Примениот гол за момент го разбуди гостинот и Гризман пропушти колосална шанса за израмнување, а непрецизен удар со глава имаше и зимското засилување Лукман. И кога се очекуваше на пауза да се замине со минимална предност на каталонскиот тим, Педри беше соборен во гостинскиот казнен простор, а прецизен од единаесет метри беше Рафиња за 2-0 за Барселона. 

На изненадување на сите Атлетико Мадрид се отвори во второто полувреме, Симеоне во игра внесе уште еден напаѓач (Серлот) и Барселона мораше повеќе да размислува на дефанзивата. Во 71 минута Флик беше приморан одново да менува во последната линија, затоа што се повреди и Балде, но една минута подоцна следуваше нова ерупција на „Камп Ноу“. Во центарот на вниманието одново беше Бернал кој по центаршутот на Кансело одново ја погоди целта за 3-0 и за уште повозбудлив финиш. Сепак, гостите од Мадрид успеаја да се одбранат од последниот налет на домаќинот и заслужено патуваат во финалето од Купот на Кралот

Противник на Атлетико Мадрид во големото финале ќе биде подобриот од вториот полуфинален пар меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао. На првиот натпревар победа славеше тимот од Сан Себастијан од 0-1.