• Мартин Танасковски
Во натпревар од третото коло на шпанската Ла Лига, фудбалерите на Рајо Валјекано и Барселона одиграа реми 1-1 во претдградскиот дуел на Мадрид. Барселона, која и трет натпревар по ред играше на гости поради реновирањето на „Камп Ноу“, запиша прв кикс во сезоната, но по сè видено, бодот сепак е вреден, со што тимот сега има седум бода, на само два зад Реал Мадрид и Атлетик Билбао.
- Извештај од натпреварот:
Рајо Валјекано одигра извонредно и заслужено дојде до бод, што им донесе четири бода на табелата. Првото полувреме не понуди многу возбудливи моменти, освен пеналот за Барселона во 40. минута. Ламин Јамал беше во дуел со Алваро Гарсија во шеснаесетникот на Рајо, а по мал контакт со Пеп Чаварија, падна и судијата Бускетс покажа на белата точка. Јамал не згреши од 11 метри и донесе предност од 0-1 за Барселона, што предизвика бурни протести кај домаќините и кај фудбалската јавност.
Второто полувреме, меѓутоа, донесе енергија и доминација на Рајо Валјекано, кои ја подредија и немоќната Барселона. Тимот од Мадрид трчаше, притискаше, создаваше опасни ситуации и користеше транзиции и прекини. Девет корнери изведе Рајо и цело време се закануваше кон голот на Жоан Гарсија.
Заслужениот гол дојде во 67. минута по корнерот на Паласон, кога Фран Перез се најде сам на втората статива и со прецизен удар израмни на 1-1. И покрај тоа што Рајо имаше шанси и по изедначувањето, вклучувајќи шанси на Алваро Гарсија и Паласон и плус еден поништен гол, резултатот не се промени. Барселона имаше свои обиди преку Ерик Гарсија, но не успеа да го пробие одбранбениот систем на домаќинот.





